Екологија преку иновативна технологија

Ротари клубот Прилеп успешно го реализираше проектот „Екологија преку иновативна технологија“ за поставување две повратни вендинг машини. Во рамките на проектот се поставија две повратни вендинг машини за пластична ПЕТ амбалажа и лименки во два локални маркети на „Футура“ лоцирани во централното подрачје на градот Прилеп. Практично, станува збор за селектирање амбалажен отпад со бенефиции, на тој начин што граѓаните кои што ќе го селектрираат отпадот на наведениот начин, за возврат ќе добиваат зелени поени или пари, со кои што ќе можат да пазарат во маркетите. Проектот е базиран на она што е светска пракса долги години со ред, а ќе помогне во градот и пошироко да се зајакне свеста кај популацијата за потребата од селекција на отпадот. Двете вендинг машини имаат капацитет од 450.000-500.000 шишиња и лименки на годишно ниво. Проектот е одржлив бидејќи компанијата „Пакомак“ ќе организира промоции, систем на празнење со локални трговци со отпад и техничко одржување на долг рок. Едната вендинг машина ја набавуваат Ротари клубот Прилеп, Витаминка АД, Прилепска Пиварница, Футура, Комфи Ангел и Кули, а втората е донација на Пакомак. Вкупната вредност на проектот надминува 36.000 евра и со тоа претставува најголем проект воопшто реализиран од страна на Ротари клубот Прилеп. Дел од средствата или 150.000,00 денари беа обезбедени и преку Сојузот на ротари клубови на Македонија, со проект со кој аплицираше Ротари клубот Прилеп, а го изработија неколку членови на клубот. Граѓаните ќе можат да ја симнат апликацијата на своите паметни телефони и со едноставна најава на вендинг машината, ќе можат да го одлагаат амбалажниот отпад. Информации за начинот на користење има на самата вендинг машина, а дополнителни информации ќе бидат споделени преку соодветни флаери кои што ќе ги добијат граѓаните со сметките од јавното комунално претпријатие. Во периодот што следи се планирани повеќе промотивни настани за овој проект, а со цел да добие на значење и успешно да се спроведува. Во тој контекст, активно ќе бидат вклучени и членовите на Ротаракт и Интеракт клубовите. Од страна на Интеракт клубот веќе се изработени видео клипови за начинот на функционирање на повратните вендинг машини и истите се веќе споделени на официјалните профили на социјалните мрежи.    

Leave A Comment