РОТАРИ КЛУБОТ ПРИЛЕП ПРОСЛАВИ 18 ГОДИНИ ОД ОСНОВАЊЕТО!!!
На 18 април 2026 година, Ротари клубот Прилеп заедно со бројни пријатели и поддржувачи од земјата и странство, ја организираа годишната хуманитарна забава на тениските терени во Прилеп (The Point). Забавата беше зачинета со одлична музика и стенд ап шоу во изведба на познатиот артист Никола Тодороски.
Со оглед на фактот што забавата имаше хуманитарен карактер, на јавно наддавање успешно беа продадени 16 уметнички дела од македонски автори, произлезени од традиционалниот Арт Хепенинг на клубот. Со собраните средства ќе бидат набавени високо квалитетни прочистувачи за воздух за доопремување на уште две детски градинки во градот, покрај веќе опремените две градинки.
Ротари клубот Прилеп особено се заблагодарува за поддршката со присуството на настанот на: градоначалникот на Општина Прилеп, на претставниците од другите ротари клубови (РК Лесковац, РК Скопје Интернационал, РК Вардар 245, РК Велес, РК Штип, РК Струмица, РК Битола, РК Битола Широк Сокак, РК Кавадарци и РК Неготино), на членовите на Ротаракт клубот Прилеп и Интеракт клубот „Гимназија Мирче Ацев“ Прилеп, како и на останатите гости.
Прославата на полнолетството на клубот воедно значи и славење на 18 години ротаријанство во градот Прилеп, години исполнети со многу работа, проекти, заеднички дружења и прекрасни спомени. Низ годините нашиот клуб прерасна во еден од најголемите и најсериозните клубови во државата, како по бројот на членови, така и по бројот на реализирани проекти.
Она што особено нè прави горди и среќни е возобновувањето на Ротаракт клубот Прилеп, со чиешто членство и активности за кратко време прераснаа во предводници меѓу ротаракт клубовите во државата. На истата линија веќе повеќе години со ред е и Интеракт клубот „Гимназија Мирче Ацев“ Прилеп. Оваа година ќе остане посебна и запаметена и по тоа што нашиот Интеракт клуб се закити со највисокото градско признание – наградата „3ти Ноември“, а Ротари клубот Прилеп беше избран за еден од 13-те величествени на радиските награди од Радио Пела.
Оваа ротаријанска година започнавме силно и посветено. Подаривме 21 врвен прочистувач за воздух, опремувајќи целосно две детски градинки во градот. Продолживме со заеднички дружења организирајќи ја традиционалната средба на претседателите во септември и настанот „Хуманизам преку хедонизам“, собирајќи средства за набавка на дрон за потребите на територијалната противпожарна единица во Прилеп. Го организиравме успешно традиционалниот „Арт Хепенинг“ во Прилеп, се збратимивме со Ротари клубот Лесковац и ја со голем успех ја организиравме Првата градска ораторска вечер. За прв пат достојно го одбележавме Светскиот ден на Полио, подарувајќи еден дизел агрегат за потребите на вакциналното одделение во Прилеп. Во февруари ја имавме најуспешната крводарителска акција со собрани 63 единици крв, а потоа подаривме 18 екстрактори за храна со 180 кгр. овошје и зеленчук за градинките, во обид да изградиме здрави навики на исхрана кај најмладите. Во организација на жените од нашиот клуб го организиравме настанот за превенција од кардиоваскуларни заболувања, а веднаш потоа ја најавивме и започнавме еко акцијата по повод Денот на планетата Земја. Паралелно ги обележуваме сите планинарски патеки на Селечка планина откако претходно посадивме голем број садници во атарот на селото Прилепец, ќе го донесеме големиот Дарко Дамески дома со достојна изложба на негови фотографии и проекција на филмот „Црно Семе“, а ќе учествуваме во организација и на првиот македонско-шведски бизнис форум. Би останал должен ако не ги споменам бројните предавања и презентации кои ги организиравме, како и дружењата со другите ротари клубови од земјата и странство.
Ваквите свечености се одлична можност да се потсетиме на тоа зошто постоиме?! Ова е одлична прилика да размениме мислења, да ги тестираме нашите пристапи, но и да кажеме благодарам на сите коишто се вложиле во градењето на клубот, како и на оние коишто постојано ги поддржуваат неговите активности.
Заради претходното, не отстапуваме од правењето промени во заедницата, не отстапуваме од хуманизмот и другите вредности коишто треба да ги поседува секој ротаријанец, не отстапуваме од градењето подобар свет за сите нас!
Наздравуваме за уште многу години ротаријанство во градот, одлично здравје на сите и многу поводи за славење!








