Проектот „Заедно за чист воздух во градинките во Прилеп“, кој беше започнат од страна на Ротари клубот Прилеп во јули 2025 година, повеќе од успешно беше реализиран на 12.09.2025 година, со чинот на предавање на 21 (дваесет и еден) набавен прочистувач за воздух на претставниците на ЈОУДГ „Наша иднина“ Прилеп. Прочистувачите за воздух се високо-квалитетни и од реномиран производител. Со овие 21 прочистувач за воздух комплетно се опремуваат две детски градинки во Прилеп, градинките Аличаир (девет) и Бончејца (дванаесет).
Вредноста на проектот изнесува околу 8.500 евра, а во неговата реализација несебично со свои донации се вклучија: „Ецотип“ Скопје, Витаминка Прилеп, Резонатор Прилеп, БимФоод Прилеп, Кули Прилеп, ЈокиКомерц (Фарма Долнени) Прилеп, Футура Прилеп, Пекара Маја Прилеп, ЕкстраЖак Прилеп, Галерија Лувр Прилеп, Агроинвест Прилеп, ПЗУ Д-р Андрееска Прилеп и Оскар Голд Прилеп.
Со ова ја остваруваме нашата заложба како клуб за тоа дека: „Чистиот воздух мора да биде стандард во градинките и училиштата во Македонија“.
Според одредени релевантни мерења од инсталирани системи во државата за 2024 година, констатирани се високи концентрации на суспендирани честички како најсериозен загадувач на внатрешниот воздух во градинките и училиштата. Речиси за два пати се надминуваат утврдените нивоа од страна на СЗО, што значи дека децата во ладните месеци (повеќе од половина година и речиси цела учебна година) дишат загаден воздух и надвор и внатре. Загрижувачки е тоа што го констатира UNICEF дека, во Северна Македонија 11,6 отсто од сите смртни случаи на доенчиња се должат на загадениот воздух, што е секој 9-ти смртен случај на деца под една година.
Прочистувачите за воздух имаат способност за филтрирање, покрај на суспендираните честички и на вирусите и бактериите од амбиенталниот воздух, коишто се многу присутни во градинките особено, но и на поленот и на разните хемикалии.
На наше задоволство, на денот на предавањето на прочистувачите за воздух, со свое присуство нè почестија претставници од локалната самоуправа, на чело со Градоначалникот и претставници од медиумите.
Посебна благодарност Ротари клубот Прилеп упатува и до Директорот на ЈОУДГ „Наша иднина“ Прилеп – Христина Трпческа, за несебичната поддршка во реализацијата на активноста.
Ротари клубот Прилеп ќе продолжи со овој проект и понатаму, со надеж дека во наредниот период ќе обезбеди дополнителни вакви прочистувачи и за другите градинки во градот.
Продолжуваме силно и посветено за заедницата!










